Макрон: Не е доволно тоа од 2017 Македонија треба да направи нов договор со Бугарија

Официјален Париз во својство на претседавач на Европската унија дава целосна поддршка за договор меѓу Скопје и Софија кој ќе ја деблокира европската перспектива на земјава. Бугарија порачува дека е заинтересирана нејзините барања да бидат гарантирани преку пристапниот процес и дека нема да подлегне на никаков притисок од надвор кога станува збор за тргање на ветото. За земјава, членството во ЕУ нема алтернатива и ќе продолжи со напорите за надминување на разликите со Бугарија.  

Францускиот претседател Емануел Макрон, завчера по телефонските разговори со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерот Димитар Ковачевски, соопшти дека е подготвен да ги пречека во Париз „кога ќе дојде време“ властите на Бугарија и на Македонија со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.

Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, „веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји“, потсети Елисејската палата по разговорите со бугарскиот претседател Радев и премиерот Ковачевски, јави дописникот на МИА.

За време на разговорите, Емануел Макрон ја изрази својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на С. Македонија. Макрон изрази целосна поддршка за договор меѓу двете земји, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, велат од Елисејската палата.

– Европската перспектива на Република С. Македонија била тема и на телефонскиот разговор на бугарскиот претседател Радев со помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид, соопшти вчера прес-службата на бугарскиот претседател.

Двајцата го осудиле како недозволиво палењето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Според Радев, палењето на културниот центар го извршиле луѓе кои се обидуваат да го попречат процесот на евроинтеграција. Донфрид оценила дека целта била да се поткопа преговарачкиот процес меѓу Бугарија и Македонија.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, коментирајќи го развојот на односите меѓу Скопје и Софија, вчера изјави дека Бугарија нема да прави ништо под притисок во врска со Македонија. Петков истакна дека Бугарија се обидува да види дали нејзините барање и потреби за поддршка на Бугарите во земјава можат да бидат гарантирани преку европскиот процес.

– Ќе оставам на Министерството на надворешни работи, затоа што тие преговараат токму сега. Прашање е дали преку европскиот процес може да се гарантира бугарската позиција, а не некој да не притиска за било што, додаде Петков.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу, вчера во Анкара, порача дека за земјава, членството во ЕУ нема алтернатива и дека земјава ќе продолжи со напорите за надминување на разликите со Бугарија, но и за исполнување на критериумите за членство во Унијата.

– Република С. Македонија го има започнато европскиот пат пред околу 20 години, но за жал и покрај 17-те години активен процес, се уште не ги има започнато преговорите поради различни предизвици што не се директно поврзани со ЕУ и исполнување на критериумите. Еден од споровите што во моментов го кочи тој процес е спорот со Република Бугарија, појасни Османи.

Според него, ова одложување на процесот кај граѓаните на земјава создава незадоволство и разочарување.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа