Гаспром драстично ја намалува испораката на гас за Франција. Одлуката стапува во сила веднаш.

Францускиот енергетски гигант „Енџи“ дури денеска бил информиран од „Гаспром“.

Од денеска се намалуваат и испораките. Официјалната причина е „несогласување меѓу двете страни на договорот за неговото спроведување“.

Добрата вест за Париз е дека рускиот гас е само 17% од увозот и дека складиштата се полни повеќе од 90%. Она што е позагрижувачко е што овие количини може да траат не повеќе од два зимски месеци за француските потрошувачи.

Претседателот Макрон го свикува Советот за безбедност во петок. Владата ги повика сите француски компании веднаш да предложат план за намалување на потрошувачката на енергија за 10%.

Поради вестите за намалените испораки на гас, францускиот министер за економија, финансии и реконструкција Бруно Ле Мер ја предупреди јавноста да се подготви за претстојната „сурова“ зима и ги повика да ја минимизираат потрошувачката на енергија, особено гасот, објави Ројтерс.

„Секој од нас мора да разбере дека ќе биде неопходно да се намали потрошувачката на енергија дома, во транспортот, во бизнисите, во администрацијата и во продавниците“, рече Ле Мер на новинарите.

Тој, исто така, истакна дека постои можност владата да мора да го ограничи снабдувањето со енергија за некои бизниси, „но ова треба да биде последната опција“.

Зборувајќи за испораките на руски гас, Бруно Ле Мер истакна дека Франција мора да најде „алтернативни извори на снабдување“. Тој рече дека Франција истражува опции за подобри енергетски врски со Шпанија и го повтори ставот на Париз дека цените на електричната енергија во Европа не треба да зависат од цените на гасот, повикувајќи го блокот да го реформира механизмот за цени.

Ле Мер, сепак, истакна дека француската економија и понатаму е на пат да достигне стапка на раст од 2,5 отсто оваа година, но предупреди дека наглото намалување на испораките на руски гас за Франција може да ја загрози таа прогноза.

„Мораме да ја предвидиме можноста за целосно запирање на извозот на руски гас во Франција, во комбинација со сурова зима, како можно сценарио меѓу другото“, рече францускиот министер.

Тој ја повика и Европската унија да даде заеднички одговор на кризата и поскапувањето на енергенсите.

Во април, Гаспром ги прекина испораките на Бугарија и Полска поради одбивање да плати во рубљи. Последователно, испораките запреа и во Данска, Естонија, Холандија, Финска. Намалени се количините за Германија и Италија.