Висок руски безбедносен функционер денеска за време на неговата посета на Кина изјави дека Кремљ има намера да ги зајакне своите врски со Пекинг и дека тоа е водечка политичка цел за Москва, пренесе агенцијата Асошиејтед прес, цитирана од БТА.

 

Николај Патрушев, кој е секретар на рускиот Совет за безбедност, рече дека „зајакнувањето на сеопфатното партнерство и стратешката соработка со Пекинг е безусловен приоритет на руската надворешна политика“.

Кабинетот на Патрушев соопшти дека по разговорите одржани во градот Нанпинг, двете страни се договориле „да ја прошират размената на информации за да се спротивстават на екстремизмот и странските обиди за поткопување на уставниот поредок во двете земји“.

 

Претставниците на Кина и Русија се согласија и за потребата од проширување на соработката во областа на сајбер безбедноста. 

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин се сретна со кинескиот лидер Си Џинпинг во Узбекистан за прв пат по руската инвазија на Украина.

Темата не беше спомната во соопштението на кинеската влада објавено по средбата на двајцата лидери, но се вели дека Кси ветил „силна поддршка“ за „суштинските интереси“ на Русија. Во изјавата не се дадени детали, но Пекинг ја употреби фразата „суштински интереси“ кога се осврна на прашања како што е националната безбедност.

Пред руските сили да ја нападнат Украина, владата на Кси рече дека пријателството меѓу Москва и Пекинг „нема граници“.

Кина, исто така, одби да ги критикува акциите на руските сили во Украина. Во исто време, Кина и Индија почнаа да увезуваат повеќе руска нафта и гас, помагајќи ѝ на Москва да го ублажи влијанието на санкциите што и беа наметнати поради нејзината инвазија на Украина.