Македонци имало и во време кога бугарите уште немале свест за себе

 

 

„Македонци имало и во времето кога Бугарите уште немале свест за себе.“
— интервју со историчарот Стефан Влахов Мицов, на Весна Дамчевска за сега веќе згаснатиот весник „Време“
_________________

Бугарскиот шовинизам се граничи со патологија

Малку е да се каже дека во Бугарија постои шовинизам, бугарското фалсификување на историјата е еднакво на патологија, вели Стефан Влахов Мицов, поранешен директор на Македонскиот културен центар во Софија, зборувајќи за односот на неговата држава кон националните малцинства, вклучително и на македонското. Мицов деновиве беше гостин на издавачката куќа „Матица“, која неодамна ја објави неговата книга „Филозофски клуч за македонскиот идентитет“. Книгата ги содржи неговите погледи за македонскиот идентитет, култура, за македонските личности, но ја прикажува реалноста без никакви предрасуди.

– Книгата е оценета како една од најхрабрите и најобјективните за македонскиот идентитет напишана од странски автор.

– Тука не станува збор само за македонското прашање. Воопшто, кога сакаме да добиеме пореална претстава за идентитетот на еден народ мораме да се еманципираме од сите влијанија: државни, националистички, религиозни и да ги видиме фактите, бидејќи историјата е комплекс од факти. Важно е да се види процесот како се добиени тие факти. Од друга, да се согледа целокупниот комплекс на Балканот. Работите на Балканот отсекогаш биле измешани. Сите земји, и Бугарија, и Грција, и Србија имале претензии кон Македонија. Треба да се види како и зошто дошло до тоа. Грците велат дека античките Македонци се Грци, а Бугарите, пак, тврдат дека сегашните Македонци се Бугари. Е, како може Македонецот во антиката да бил еден, а сега некој друг. Тоа е смешно, ако не е и жално.

– Способноста за разбирање на македонскиот идентитет, велите, е тест за умешноста на авторот да мисли со сопствена глава. Како Ви успеа тоа Вам?

– Не претпоставував дека тоа е основно, ама во интерес на вистината треба да кажам дека јас сум Македонец по мајка, а мојот татков род е измешан од бугарска и куманска крв. Семејното воспитување има влијание, но и фактот дека кога човек има мешана крв сака да ги дознае сите детали. Затоа сум особено чувствителен по прашањето на националните малцинства на Балканот. По образование сум историчар и филозоф. Но, ниту тоа не е претпоставка за објективност. Моите колеги од софискиот универзитет, каде што предавав 23 години, сметаат дека за да бидеш добар историчар прво треба да бидеш добар националист и шовинист. Не се согласувам со тоа. Историјата не е егзактна наука, неа секогаш ја пишувале победниците, а потоа оние поразените кога доаѓале на власт ја преправале. Но, сепак, и во историјата мора да има објективност, а објективноста не почнува и не завршува со документираните факти, што секоја национална историја ги користи за своја заштита и пропаганда. За мене не е меродавно ако фактите се добиени под принуда, притисок, државен или полициски. Важно е да се види што ги создава историските факти: доброволно дејствување, манипулација или отворено насилство, искушение или некаква зделка и сл.

– Го чувствувате ли таквиот притисок во Бугарија поради отвореното и јасно искажување на вашите ставови за посебноста на македонскиот идентитет?

– Не сакам да се жалам, ама притисок имало и ќе има. Фактите говорат за тоа. Прво бев избркан од Универзитетот во Софија, каде што предавав две децении, а потоа и од функцијата директор на Македонскиот културно- информативен центар во Софија. Но, тоа не е важно, иако не сакам да кажам дека е нормално. Тоа е парадоксот на социјално-политичкото битие на Бугарија. А, парадоксите таму стануваат логика на поведение. Не мислам дека сите Бугари се шовинисти, но речиси кај сите постои проблемот на стравот. Бугарите се плашат, а човек обично се плаши кога е несигурен. Стравот произлегува од големиот број малцинства во Бугарија. Еден тукашен шовинист пресмета дека бугарската нација се состои од 53 етноси. Бројката е уште поголема, а различното потекло на огромниот дел од т.н. бугарско население е погубно за државата.

– Објавена ли е во Бугарија оваа книга?

– Во Бугарија имам објавено десетина книги, од кои дел се историски, а дел литературни критики. Некои од нив, се разбира, се восприемаат со крцкање на забите. Таква е на пример книгата „Кој го уби Ботев?“. Таму кажувам дека тоа не биле Турците, туку луѓе од неговата чета. Значи, во Бугарија е многу тешко да се говори за вистината, за историската вистина. Комплексот на Бугарите не е насочен само кон другите нации, туку и кон самите себе. Ми велат: „Ти си предавник ако можеш да го пишуваш тоа“, а јас им објаснувам дека тоа е вистината. Тие сакаат да ја прикријат вистината.

Книгата „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“ не е објавена во Бугарија. Може да се најде начин да се објави, ама ќе има проблеми. Всушност, проблеми е мек збор. Таа ќе биде буквално уништена.

– Има ли потреба да Ве прашувам за вашата теза за посебноста на македонскиот идентитет и како го објаснувате во книгата?

– Не. Тоа е апсолутно јасно. Уште повеќе ако земете предвид дека Македонци имало и во времето кога Бугарите уште немале свест за себе. Странските патеписци од 16 и 17 век пишуваат за легендите за Александар Македонски меѓу населението не само во Македонија туку и во бугарските земји. Бугарите немаат легенди за свои јунаци, за својата држава. А, ако не оставиш спомен – значи те немало. Затоа нападите на пропагандата против македонскиот идентитет, всушност, го кријат стравот за самиот бугарски идентитет.

– Каква е иднината на македонската нација и идентитет?

– Иднината на секоја нација зависи од самата нација. Сепак, мислам дека македонската емиграција во САД, Канада, Австралија, па и во Егејска и Пиринска Македонија, е поборбена отколку во самата Република Македонија. Владите се менуваат. Тоа не е проблем, важна е свеста на самиот народ.

– Па, по сето кажано и напишано во книгата ќе имате ли проблеми по враќањето во Бугарија?

– Не верувам. Иако и тоа го имало порано. Пример за бугарската патологија е фалсификувањето на имињата на Турците во Бугарија и тоа на нивните гробови што се случи пред две децении. Тогаш Бугарите сакаа и Турците да ги направат Бугари. Осман беше преименуван во Огњан. Тоа го правеа и во медицинската архива. Е, тоа е веќе патологија. Притисок на живиот, ама на мртов? До гробот на Јане Сандански ставија споменик, висок два метра, на кој пишува дека тој се борел за слободна бугарска Македонија и се вели дека тоа Сандански го кажал во разговор со некој италијански кореспондент. Се знае кој го уби Јане, а сега никнуваат вакви плочи. Малку е да се каже дека тоа е шовинизам.

Мојата еманципација почна не од моето македонско потекло, туку на обратен начин – од проблемот со мојата „бугарштина“. Моите колеги од софискиот универзитет, каде што предавав 23 години, сметаат дека за да бидеш добар историчар прво треба да бидеш добар националист и шовинист.

Бугарите се плашат, а човек обично се плаши кога е несигурен. Стравот произлегува од големиот број малцинства во Бугарија.

Книгата „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“ не е објавена во Бугарија. Може да се најде начин да се објави, ама ќе има проблеми. Всушност, проблеми е мек збор. Таа ќе биде буквално уништена.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа