Нова мега нуклеарка на Геро! Габриел Ескобар преку амбасадорката Агелар му се јавил на Заев со видео врска за да го превоспита
Откако го обелоденив планот што поранешниот премиер Зоран Заев го соопштил на 21 декември лани на Бихаќка, на состанок на луѓе од најтесното раководство на СДСМ, во последните две недели се водеа интензивни политички, но и параполитички активности.
Нема сега да ви додевам со „ексклузивни“ детали, иако за таа парада на ангели и демони во т.н. некрстени денови, од Божик до Водици, може и роман да се напише. Во оваа прилика ќе спомнам само две битни нешта.
Некои важни луѓе од Вашингтон имале одвоени разговори со премиерот Димитар Ковачевски и со неговиот претходник Зоран Заев. Тоа е првиот битен настан, за кој јавно се молчи. Форматот на овие разговори, водени преку видео-врска, бил ист на двете средби: од американска страна учествувал првиот човек на американската дипломатија за Балканот, Габриел Ескобар, придружуван од амбасадорката Анџела Агелер.
За содржината на овие разговори засега нема да кажам ништо. Освен тоа дека Ескобар му објаснил на Заев колку е саатот. Е сега, друго е ако некој истражувачки новинар, мотивиран од професионални или од не знам какви други побуди, добие „екслузивно“ интервју или брифинг со Заев, со Ковачевски, или со некој трет.
Вториот важен настан го обелоденил Артан Груби во интервју за ИРЛ. Така, на 5 јануари, ден после роденденот на Али Ахмети, тие двајцата отишле во Струмица да се видат со Зоран Заев. Да проверат дали Муртинециот разбрал што му кажал Ескобар.
„Од господинот Заев и од сите учесници на тој состанок од 21 декември, вклучително и од премиерот Димитар Ковачевски, сме уверени и апсолутно веруваме дека такви некои сценарија не се ниту разгледувани, не се ниту прифатливи“, обелодени Груби во интервјуто.
За разлика од Артан Груби, кој веројатно има причини да ни соопшти нешто за средбата кај Заев на 5 јануари, јас таква потреба немам и затоа ќе оставам во некоја друга прилика тој и Ахмети да ни дообјаснат кои се тие „сценарија“ кои не биле „ниту разгледувани“ на 21 декември, а и „не се прифатливи“, а за кои сепак се разговарало цели 4 часа.
Патем речено, да сум на местото на Христијан Мицкоски и на сите што поверуваа дека екипата на Заев ќе им помогне да се изгласа недоверба на владата на Ковачевски и да се дојде до предвремени избори, би проверил што точно им кажал и што точно им ветил Муртинецот на Ахмети и на Груби на таа пижама парти на 5 јануари.
Им ветил и потоа го ставил ручено Заево на срце…
Што се однесува до средбата на 21 декември, јас детално ја опишав. Им верувам на своите извори и на проверката на фактите што ја направив и стојам зад секој напишан збор. А дали Груби (кој еве, потврдува дека имало таков состанок на Бихаќка), од сите учесници на средбата навистина добил уверување дека „тази дупка не е дупка“, е тоа не знам.
Знам само кои биле учесници на состанокот. Еве, овие луѓе: Зоран Заев, Венко Филипче, Димитар Ковачевски, Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов, Игор Ивановски, Миле Зечевиќ, Александар Бајдевски и Предраг Арсовски (како пи-ар експерт). Да да, Предраг Арсовски е експертот што презентирал анкета на состанокот и потоа на Телма, кај Оливера Трајковска, анализираше што можело да биде темата на „една хипотетичка средба“.
Нејсе, нека си кажат јавно овие луѓе дали навистина го уверувале Груби и што му кажале. Ако сакаат да кажат, нормално. Да сум на нивно место, не би сакал да се топорам. Понекогаш мудрото молчење многу повеќе зборува од гласното дрдорење.
Од мене, засега толку за дел од новите моменти на оваа драмолетка.
После скоро четири децении професионална новинарска кариера, да бидам искрен, не патам од тоа да бидам „ексклузивец“ и некому да докажувам дека секогаш прв дознавам и дека имам најголемо влијание врз јавното мислење. Таа фрустрација е за луѓе кои не успеале да се реализираат во својата професија, за некои кои во новинарството се на привремена работа, а амбициите им се малку поинакви. Јас од такви амбиции се „оперирав“ на време, уште како многу млад.
Сега, на мои години, на оваа старост-лудост, на човек му станува јасно дека сепак многу поважно од тоа што другите луѓе мислат за него е што тој мисли за себе.
А верувајте, без оглед на сета моја надалеку извикана суета, моето мислење за себе не би било баш најдобро ако и јас не му дадам шанса и на Зоран Заев да ја исправи грешката што ја направил. Човекот сега очигледно се труди сите да ги убеди дека неговите намери биле најчесни и дека некои работи што ги кажал не ги кажал, или не ги мислел така како што ги кажал.
Без оглед на фактот што Зоќе кон мене има многу сериозен и ненадоместлив долг поради нанесени материјални и морални штети од негова страна, за време на заедничкото јадење сол од иста вреќа, оваа работа ги надминува нашите лични релации.
Да не заборавиме, многу важни луѓе, намерно или ненамерно, биле замешани во настаните пред и после 21 декември, а уште повеќе се директно или индиректно засегнати: екипата на Заев, екипата на Ковачевски, „неутралните“ министри и партиски функционери во СДСМ, Христијан Мицковски и неговата екипа, екипата на Али Ахмети, екипата контра Ахмети, неколку важни амбасадори, неколку новинарски бардови и бардовки итн.