АКО БУГАРИТЕ НЕ ВЛЕЗАТ ВО УСТАВОТ, АЛБАНЦИТЕ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ В ПЛАНИНА!? Закани на Таравари

Постои можност одредени структури во земјава да тргнат да го реализираат планот за којшто предупредува Арбен Таравари, но сепак на крајот државата нема да им го дозволи тој луксуз, вели универзитетскиот професор за безбедност Методи Хаџи-Јанев.

Ниту еден Албанец од Македонија нема да ги симне чизмите од таван, како што некогаш се закануваше Шкодране Дардишта од ДУИ, и нема да замине в планина со оружје в раце за да би предизвикал нов воен конфликт само затоа што е загрозена европската перспектива на земјава.

 

Вака безбедносните експерти со коишто разговаравме ја коментираат изјавата на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој во интервју за ТВ Шења предупреди дека може да дојде до радикализација на албанските партии во земјава доколку не ги внесеме Бугарите во Уставот.

 

– Можно е да се случи радикализација на албанските партии ако биде загрозена европската перспектива на Северна Македонија. Може да пораснат фрустрациите кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата – изјави Таравари.

 

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен лидер на Демократси сојуз, Павле Трајанов, во разговор за Плусинфо забележува дека Таравари си игра со една многу опасна теза.

 

– Со воениот конфликт во 2001 година, кога отворија војна во Македонија, тоа ја врати земјава цели 20 години назад. Практично, сите процеси врзани за НАТО и за ЕУ беа блокирани и вратени 2 децении во минатото. Потребно беше долго време за да се престроиме и да се реорганизираме, односно да се вратиме на вистинскиот колосек. Така што, ваквата изјава на Таравари е крајно неодговорна и несериозна. Апсолутно никој не треба да биде потресен од ваквите изјави, бидејќи лидерот на Алијанса за Албанците ниту има капацитет ниту има моќ за да ја загрози стабилноста на државата. Многу опасна теза е онаа за поделба на народот – кој е за ЕУ, а кој е против. Тоа е неприфатлива и опасна теза, а уште полошо е тоа што упорно се пласира и од државно-политичкиот врв. Јас лично сметам дека во Македонија постои и граѓански и политички консензус за ЕУ-интеграциите. Не постои жив човек на светов кој може да ги блокира тие процеси, без разлика дали е политичка партија или поединец – објаснува Трајанов.

 

Универзитетскиот професор по безбедност Методи Хаџи-Јанев смета дека неприфатливо е човек кој се стреми да биде дел од власта да шири неоправдан страв во општеството, а како што потенцира, албанските партии во земјава не би ни имале корист од таква  радикализација.

– Човек кој наскоро треба да стане дел од власта не смее никако да си дозволува такви изјави и да шири страв во општеството. Реално гледано, постои можност одредени структури во земјава да тргнат да го реализираат планот за којшто предупредува Таравари, но сепак сметам дека државата нема да им го дозволи тој луксуз. Кој и да ја има власта, тој ја има и контролата, а многу добро видовме како помина прославата на роденденот на Гоце Делчев и како одеднаш центарот на Скопје се претвори во најбезбедното место во Европа – вели Хаџи-Јанев за Плусинфо.

Впрочем, додава тој, зошто би се радикализирале албанските партии во Македонија кога веќе долго време живееме во класичен апартхејд?

– Како сакате сфатете ме, и кој сака нека се лути, ама во земјава веќе не е популарно да се биде Македонец. Јас сум сигурен дека и на Албанците во Македонија повеќе им одговара да не влеземе во ЕУ отколку да влеземе. Затоа што, ако сме дел од европското семејство, тогаш ќе треба да испорачуваме стандарди, а сега сѐ се врши по етнички код – вели Хаџи-Јанев.

Дека изјавата на Таравари е чист популизам тврди и првиот министер за финансии Џевдет Хајредини.

– Му стана густо на Арбен Таравари поради тоа што со својата партија тргна да ѝ се приклучи на власта и со тоа да го спаси Али Ахмети од сигурна пропаст, па затоа сега смислува помпезни изјави со цел да го привлече вниманието кај јавноста и да си го измие срамот од лицето. Нема никакви шанси за радикализација на албанските партии, верувајте ми. Никој воопшто не ни помислил на такво нешто. Нема основа за таков страв. На Македонија ѝ е потребен спас од Али Ахмети и од такви политичари како него. Оти, оваа власт се потпира само на взаемна амнестија за кривични дела – вели Хајредини.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа