Гана официјално потврди два случаи на заразени со вирусот Марбург, многу заразна болест слична на еболата. Две лица биле позитивни на вирусот претходно овој месец, објави Ројтерс, цитирајќи ја здравствената служба на Гана. И двајцата починале од хеморагичната треска што ја предизвикува вирусот.

 

Тестовите извршени во Гана се покажаа позитивни на 10 јули, но резултатите мораше да бидат потврдени од лабораторија во Сенегал за случаите да се сметаат за потврдени, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

 

Здравствената служба на Гана соопшти дека презема мерки за дополнително намалување на ризикот од какво било понатамошно ширење на вирусот и ги изолирала сите идентификувани контакти кои сè уште не развиле симптоми.

 

Ова е само втор пријавен случај на Марбуршка треска во Западна Африка, забележува Ројтерс. Првиот случај беше идентификуван минатата година во Гвинеја и оттогаш не се идентификувани дополнителни случаи. Двајцата пациенти во јужна Гана развиле симптоми како дијареа, висока температура, гадење и повраќање, а подоцна починале во болница, соопшти СЗО, пренесе БТА.

Од 1967 година, беа воспоставени десетина големи гнезда на Марбуршка треска, главно во јужна и источна Африка. Според информациите на СЗО, стапката на смртност од болеста во овие случаи варирала од 24% до 88%, во зависност од видот на вирусот и квалитетот на лекувањето.