На една година од руската инвазија врз Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“.
Оваа отворена дебата доаѓа по вчерашната 11-та Специјална итна седница на Генералното собрание на ОН, каде Претседавачот Османи исто така имаше свое обраќање. На седницата на ОН беше усвоена Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина. Во тој контекст, пред Советот за безбедност Османи истакна дека Северна Македонија ја поддржува оваа резолуција и е меѓу нејзините главни ко-спонзори. За зачувување на мирот и безбедноста, рече тој, потребна е максимална акција за придржување кон меѓународното право и меѓународното хуманитарно право.
Тој во своето обраќање уште еднаш се осврна на нашата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници. Ја обвини Русија за постојаните напади во урбаните области, оставајќи ги цивилите и градовите без пристап до основни човечки потреби.