„Се води борба за правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Македонскиот народ се наоѓа веќе 101 година под Грција, која ја зеде Егејска Македонија, и нема никакви човечки права. Во 21-виот век Грците уште прават индиценти, како што се случи и со мене пред нешто повеќе од десеттина дена кога го нападнаа мојот автомобил, со намера да ме нападнат и мене. Но, ме чуваше Господ и денес сум жив и здрав. Ние, Македонците, со силата Господова и наша, ќе продолжиме напред и веруваме дека ќе успееме.“ – вели македонскиот архимандрит, 81-годишниот Никодим Царкњас, неустрашливиот духовен и верски водач на Македонците во Егејска Македонија, во северна Грција, во видеото, кое го постави на својот фејсбук профил Стилијан Самарѕис, активистот за македонската кауза во Грција.

Архимандритот Царкњас веќе изнесе детали за обидот да го нападнат на 23 февруари во С’ботско, во Воденско, во Егејскиот дел на Македонија, нагласувајќи дека бил нападнат, затоа што се изјаснува како Македонец и оти бара македонска црква и проповед на македонски јазик. Групата Понти во С’ботско му го блокирале патот и почнале зборовно да го напаѓаат со лични и верски навреди.

„Ми се обратија со гнасни грчки зборови. Ме пцуеја и ми велеа ‘Скопјанец’ и такви работи. Сакаа да ме тепаат.“ – кажа архимандритот. Тој поднел тужби против сторителите, но вели дека нема верба во грчките судови и институции. „Не го почитувам грчкиот суд, оти не судат правилно, судат национално. Знам по судовите што ми правеа.“ – вели Царкњас.

Видеото со речта на архимандритот Никодим Царкњас