АЈДЕ ОВА ДА ГО НАПРАВИМЕ ВО СИТЕ ГРАДОВИ! Македонските бранители не се заборавени – покрај спортската сала со тоа име, добија и мурал во Берово
Четворица припадници на македонските безбедносни сили од Берово, кои го положија својот живот на олтарот на татковината во борбите со терористичката ОНА во 2001 година, добија мурал во градот, покрај спортската сала „Македонски бранители“ отворена во 2009 година.
Станува збор за Љупчо Мирчовски (роден на 19 октомври 1964 година), Никола Пехчевски (роден на 9 јули 1976 година), Димитар Двојаковски (роден на 22 април 1972 година) и Зоран Бубевски (роден на 10 јуни 1968 година).
Мирчовски, капетан на АРМ и командант на Баталјонот на воената полиција, родум од беровското село Русиново, каде што е убиен еден од основачите на ВМРО, Дамјан Груев, загинал на 28 март 2001 година кај Танушевци од нагазна мина. Посмртно одликуван со медал за храброст од претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски.
Пехчевски од Единицата на МВР за специјални задачи „Тигар“, роден во Берово, загинува на 23 јуни 2001 година во битката за скопско Арачиново, заедно со колегите Атанас Јанев, Александар Стојчев и Оливер Китановски, кај гробиштата во Брњарци. Веднаш по сопствената свадба го прекинува одморот и доброволно се враќа во единицата. При разделбата со мајка си, Никола ѝ рекол: „Не мамо, има многу ранети. Сите сме од крв и месо, треба да се смениме. Не може едни да се борат, а други да уживаат. Одам да ја одбранам Македонија“. Посмтно одликуван со медал за храброст од претседателот Борис Трајковски.
Двојаковски од единицата „Скорпиони“ на АРМ, роден во Нова Горица, Словенија, а родителите му се од Берово, загинува во заседа на 3 мај 2001 година кај кумановско Ваксинце заедно со Влатко Петров. Дента на загинувањето требало да користи викенд одмор, но, со изговор дека токму неговите другари ќе бидат на позиција на празникот, и тој се приклучил кон наредната смена. Одликуван постхумно со медсал за храброст од претседателот Борис Трајковски.
Бубевски, капетан на АРМ роден во Берово, загинал од нагазна мина на 21 мај 2001 година кај караулата Биљак на Скопска Црна Гора.