Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, објави покана на Фејсбук за прослава „10 години гордост“, мислејќи на своето раководење со градот од 24 март 2013 година, кога ја презеде функцијата од Благоја Деспотовски.
Како централен настан во рамките на прославата задутре пред Домот на културата е најавен „Историски час на Кичево под албанска власт“!
Во пресрет на собирот во чест на градоначалникувањето на поранешниот офицер на терористичката ОНА, а подоцна заменик-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од 2002 до 2004 година и заменик-министер за внатрешни работи од 2004 до 2006 година, Кичево е преплавено со албански знаменца.
Дехари, како кандидат на ДУИ, стана градоначалник на Кичево по припојувањето на дотогашните општини Вранештица, Другово, Зајас и Осломеј, според Законот за територијална организација од 2004 година, со што доминантно македонската општина стана мнозински албанска.
Според пописот од 2002 година, во Кичево имаше 53,55 проценти Македонци и 30,53 отсто Албанци. Со припојувањето на четирите наведени општини, пак, Албанците станаа 54,5 проценти, а Македонците паднаа на 35,73 отсто.