Канцерогени хемиски соединенија наречени нитрозамини се пронајдени во голем број секојдневни намирници и може да претставуваат ризик за здравјето на потрошувачите, предупреди Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), пренесува БГНЕС.

 

Според новото истражување спроведено од агенцијата на Европската унија, 10-те нитрозамини, кои не се намерно се додаваат во храната, но можат да се формираат при нивната подготовка и обработка, се канцерогени и генотоксични, што значи дека можат да ја оштетат ДНК, објави АФП.

 

„Нашата проценка заклучува дека за сите возрасни групи на населението на ЕУ, нивото на изложеност на нитрозамини во храната е загрижувачко за здравјето“, рече Дитер Шренк, претседател на експертскиот панел на ЕФСА за загадувачи во синџирот на исхрана.

 

„Врз основа на студии на животни, веруваме дека најкритичниот ефект врз здравјето е инциденцата на тумори на црниот дроб кај глодарите“, додаде тој.

 

Нитрозамините се пронајдени во храната како суво месо, преработена риба, какао, пиво и други алкохолни пијалоци, соопшти ЕФСА.

 

Според неа, „најважната група на храна“ која придонесува за изложеност на нитрозамини е месото.

 

Шренк рече дека студијата користела „најлошо сценарио“, претпоставувајќи дека сите нитрозамини пронајдени во храната имаат потенцијал да предизвикаат рак како најштетната форма на соединението – „иако тоа е малку веројатно“.

 

ЕФСА додаде дека има „празнини во знаењето“ за присуството на нитрозамини во некои групи на храна.

 

Таа препорачува урамнотежена исхрана со широк спектар на храна за да се намали потрошувачката на нитрозамини.

 

Шренк рече дека неговото мислење ќе биде пренесено до Европската комисија – извршното тело на ЕУ – која за возврат ќе разговара за потенцијалните мерки за управување со ризик со блокот од 27 земји.