Ја претворивте Македонија во република во воздух, што ја препродавате на Вашингтон и Брисел, но ние ќе ја направиме пак нормална држава!

Мавнете се во дупките, од кои излеговте, вие, кои доведовте до тоа Македонија да биде република во воздух , која ја препродавате на Вашингтон и Брисел, да не биде веќе држава, туку само сеќавање, иставете се настрана вие арамии, абдали, неписмени партиски гниди, за да ние, праведните, учените и чесните, напишеме конечно Манифест за една нормална држава!“ – вели Венко Андоновски, еден од најголемите македонски интелектуалци, писател, дописен член на Македонската академија на науки и уметности и професор во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во својата колумна со наслов „О неписменех: Кои сте бре вие?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

 

Оваа колумна е моќен интелектуален повик за покренување на зачмаениот македонски дух, за покренување на македонскиот народ и особено на неговата интелигенција, заради повторно создавање на Македонија како нормална држава и затоа ја пренесуваме во нејзината интегрална верзија.

(Манифест за нормална држава)

Венко Андоновски пишува: Кои сте бре вие и од која дупка излеговте? Вие, неписмените, а возгордеани (колку понеписмен, толку повеќе се цени!) способни само за дрпни-лапни, без разлика дали се колнете во чесниот крст или во чесната полумесечина? Тешко им на писмените меѓу вас! Кои сте бре вие, за кои Македонија е само добро платена хонорарна работичка, привремена работа, што треба да ја одработите за вашите партиски и глобалистички газди, а ги запоседнавте собранијата, заседанијата, форумите и агорите, фондовите, фондациите за култура, министерствата, владите, трибините, плоштадите, па гракате во еден ист хор со враните што го најавуваат светското царство на постхуманитетот?

 

Кои сте бре вие, на разни положенија и функции со рацете во џебови, што си играте билијард со тестисите додека чекате плата, вие што доведовте до тоа Македонија да биде република во воздух, меѓународно признаен интерконтинентален чартер, држава во егзил на 9.000 метри надморска височина, ќелепур џет-сет држава во авиони кои нас, од сите националности и вери, нè носат до нашите раселени деца по целиот свет? Кои сте бре вие што направивте Македонија да не биде веќе држава, туку само состојба на духот, мит, сеќавање и архетип, дестинација на авиобилет испишана во графата ТРГНУВАЊЕ ОД ?

Кои сте, бре вие што не знаете како се отвора книга, зашто знаете само како се отвора конзерва „ред бул“ и коверт за тендер со провизија? Кои сте бре вие, металик-црни лебарки (со своите џипови), што надојдовте како поплава и по амфитеатрите, па како скакулци ожнеавте амбари магистратури и докторати? Па отворивте и Mc drive универзитети на секоја бензинска станица, каде што продававте резервни гуми и дипломи?

 

Кои сте бре вие, довчерашни препродавачи на пипер и лук, и како дојдовте до тоа на Кванташки во Брисел и Вашингтон да препродавате историја, свети мошти и национални архетипови, па поднесувате амандмани за геополитика, ботоксирање на историјата и за еколошки чисти историски буништа, кои од вас ги бара пречистата блудница Европа, на која матката ѝ е истенчена од историски киретажи и абортуси на цели народи?

Од каде дојдовте бре вие, на кои Македонија им е само ухлебие, или парцела, што треба геодетски да се обработи, според упатствата на Западниот политички катастар? Кои сте, бре, вие што преименувате држави, улици и споменици, а името татково не си го знаете? Што напудрени како француски енциклопедисти и хуманисти на ТВ-емисија во живо повеќе се грижите за бездомни кучиња, одошто за вашите бездомни браќа, на кои контејнерите им се цел синџир европски супермаркети: „Лидл“ на ангро?

 

Кои сте бре вие, за кои преку партиски телефони се молеа шестки, за да станете политички ебиветри, амбасадори на непостојна државата, или министри за оптимизам и ведро време, а потем им ги киневте главите на истите тие професори (никој не сака сведок на своето коленичење), што ве помилуваа како неграмотни, ама не можеа да скријат дека сте и срамотни?

Кои сте бре вие, кои решавате за цената на лебот, а едно зрно немате посеано со испотеното чело на сејачот, ниту еден леб во животот имате испечено со испотеното чело на пекарот? Кои сте, бре вие, директори и претседатели на управни одбори, на кои за една седница се зема плата на чесен универзитетски даскал, што не знаете како се пишува вторник, со „в“ или со „ф“, па затоа закажувате седници во понеделник или среда?

Кои сте бре вие, дигитални креатури со таблети, на кои ракописот, кога се потпишувате на милионски суми, им изгледа како потпис на фактура за ќумур? Кои сте, бре вие, неуспешни антрополошки дизајни со најнови андроиди в рака, да ги прогонувате моите деца од дедовиот Верољубов двор и да ги праќате сургун, во потрага по црн леб по бел свет? И да крекате: „И моето дете има право да работи, дискриминирано е зашто јас, негов татко, сум познат политичар“, па ги пикате во сите врвови на општеството, да дишат воздух на надморска височина од четирицифрени броеви изразени во евра?!

 

Кои сте бре вие, што додека ние споредбено ги читавме Елиот и Конески и станувавме во четири да студираме странски јазици (вие спиевте до пладне), ние, кои знаевме дека Македонија ОДАМНА е Европа според културата, нам сега да ни држите лекции по европска политичка авангарда, футуризам и надреализам во идеологијата на идниот најубав свет? А вчера ги фрливте опинците во првото предградие и купивте салонски чевли од партиска апанажа?

 

Венко Андоновски

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа