ВНЕСУВАЊЕТО НА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ВО УСТАВОТ Е БИТНА СЦЕНА ВО ФИЛМОТ „ГОЛЕМА АЛБАНИЈА“ Тито Петковски предвиде дека ќе дојде до ова уште во 2001 година

Внесувањето на албанскиот јазик во македонскиот Устав значи остварување на сонот на Албанците во земјава за формирање голема држава или, поточно речено, стекнување статус на државотворен народ, кој, според меѓународното право, има право на самоопределување до отцепување, напиша поранешниот собраниски спикер Тито Петковски во колумната „Официјален јазик“ објавена во Утрински весник на 21 јули 2001 година.

Бура од реакции предизвика инсистирањето на албанскиот политички блок по секоја цена да се отстрани формулацијата „20%“ од Уставот, а на нејзино место да биде вметнат „албанскиот јазик“, кој, на тој начин официјално би станал службен јазик во Македонија и би бил рамноправен со македонскиот јазик.

Плусинфо вчера разговараше со истакнати албански интелектуалци во земјава, кои тврдат дека нема ништо лошо во тоа да се дефинира албанскиот јазик во македонскиот Устав, бидејќи, како што велат, на тој начин ќе се заокружи еден процес кој е отворен во 2001 година како резултат на Охридскиот рамковен договор.

 

 

Нивните аргументи се дека внесувањето на албанскиот јазик во Уставот ќе делува психолошки добро врз албанското малцинство во Македонија, а исто така тие не кријат дека со отстранувањето на формулацијата „20%“ практично ќе исчезне стравот кај Албанците дека еден ден би можело да се појави некоја друга етничка заедница која би имала бројност над 20% и на која би ѝ следувале исти права како на Албанците во земјава. Со други и прости зборови, целта на албанскиот политички блок е да се „зацементира“ албанскиот јазик во македонскиот Устав и со тоа да стане втор службен јазик во Македонија.

 

На ваквите аргументи на дел од албанските интелектуалци вчера остро реагираше колумнистот Ивор Мицковски, кој смета дека барањето на Албанците да се внесе албанскиот јазик во Уставот е во најмала рака – себично.

 

„Знаете каде стојат и како се чувствуваат Македонците од психолошки и емотивен аспект? Згазено, искрадено, понижено, девастирано, мајоризирано, идентитетски загрозени и упропастени. Не велам дека сето тоа е реално, ама емотивно и психолошки сигурно е точно. Македонците мораа да бидат и сè уште се 30 години негирани, после осамостојувањето, да направат претешки компромиси, да сменат знаме, име, да задоволат туѓи права после воен конфликт, да живеат со фактот дека секоја група или пејач им менува химна и партизански песни, да се помират дека секој државник или странски функционер погрешно ги именува, секогаш некој сосед да им негира јазик, историја, култура, антифашизам и сè што нѐ прави нација. И сега, кога треба уште едно силување да прифатиме и да бидеме повторно, по стоти пат прагматични, нашите сограѓани или нивните претставници, ни зборуваат за нивните етнички психолошко-емотивни состојби. Да можеше да се стави градација на немање осет и солидарност од албанските политиканти кон македонските граѓани, вие дечки го пробивте секој плафон и секое дно. Малку осет е потребен, не само себично етничко поентирање и самозадоволување“, напиша Мицковски на Фејсбук.

За поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, пак, барањата за бришење на формулацијата „20%“ од Уставот се очекувани, но како што посочува, аргументите на албанските интелектуалци не држат вода.

– Во рамки на веќе отворената дебата за промена на Уставот со цел вметнување на Бугарите во Преамбулата, очекувано, се појавија предлози и барања за промена и на други уставни решенија. Секако, најзначајно е барањето на некои поединци и политички партии од албанскиот политички блок, со заложба албанскиот јазик да биде втор службен јазик кој би се применил на целата територија на државата и Македонија да се дефинира како билингвална држава. Главните аргументи се бројноста на Албанците, емоционални моменти, европски стандарди, фер однесување, опасност другите етнички заедници во државата да не надминат 20%, целосна рамноправност со Македонците и други неуверливи аргументи – посочува Петковски за Плусинфо.

Наместо одговор на прашањето зошто ова ни се случува денес, цели 22 години по Охридскиот рамковен договор и амандманите на Уставот по војната од 2001 година, додава тој, ви ги нудам моите ставови во врска со „јазикот во службена употреба“, изнесени во колумна од 21 јули 2001 година, објавена во „Утрински весник“ и подоцна поместена во мојата книга „Неостварена нација“, во издание на издавачката куќа „Култура“ од 2014 година.

Во продолжение, во целост ви ја пренесуваме колумната на Тито Петковски со наслов „Официјален јазик“, објавена во „Утрински весник“ на 21-22 јули 2001 година:

Понудата од посредниците во македонско-албанските преговори или „дијалогот“, како што еуфемистички го нарекуваат македонските политички лидери, предизвика оправдани негодувања и лавина реакции кај македонскиот политички блок, кај невладините и многу непартиски организации, а истовремено триумфализам кај албанскиот политички блок.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа