‘Англија и Франција треба да ја спасат Грција, и покрај нејзината волја. Поседувањето на Македонија ја тера Грција да се меша во сите словенски караници на Балканот. Поседувањето на Солун е пропаст за тоа големо пристаниште кое не може да живее без голема позадина. Да се загуби Македонија, а да се добијат острови и азиски територии, меѓу другите и Кипар, тоа е вистинскиот интерес за Грција, како што предвидел нејзиниот генијален државник Венизелос. Станува неопходно за сојузниците, посебно за Франција и Англија, да и ја наложат својата волја на Атина’, запишал во 1916 г. во својот извештај за Балканот и Македонија до француското Министерство за војна францускиот разузнавач Рене Пикард.

 Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ

‘Очекувајќи да се донесе некое конечно решение, можеби сепак би било добро да се прогласи провизорна автономија на Македонија под контрола на сојузниците. Ако ги победиме Бугарите, нашите војски ќе ја окупираат Македонија, како што ја окупираа грчка Македонија. Населението во Македонија не е всушност ни бугарско, ни српско, ни грчко…’

Ова се зборовите на Рене Пикард, содржани во неговиот извештај од два дела – ‘Иднината на Балканот’ и ‘Автономија на Македонија’ од август 1916 година, испратен од Второто биро на армијата до француското Министерство за војна. Пикард е француски разузнавач, упатен во Македонија во екот на Првата светска војна со цел да ја согледа ситуацијата на теренот и да даде свое мислење за иднината на регионот во кој свое место би нашле и француските интереси. Извештајот е откриен, а потоа преведен и своевремено објавен од страна на македонскиот професор, д-р Александар Апостолов, при неговото истражување во Париз пред речиси 50 години, кога всушност истекла забраната од 50 години за користење на овие материјали.

ГРЦИЈА НА ДВЕ СТОЛИЦИ

Времето кога Пикард го пишувал извештајот, не е нималку розово за Франција. Таа се наоѓа среде Првата светска војна, на само еден месец пред големата кланица што ја донесе битката кај Сома, кога веќе е јасно дека на западниот фронт речиси е невозможно да се направат значајни поместувања на било која страна. Во таква ситуација на статус-кво на запад, постојат две големи опасности за сојузниците што и носат предност на Германија: поразите што Русија ги доживува на источниот фронт и идејата на Австро-Унгарија и Германија, со помош на Бугарија, да го наметнат своето влијание на Балканот и преку Константинопол, да создадат отворена линија до Багдад.

Во тоа време, Бугарија била на страната на Германија, откако сојузниците не успеале да ја привлечат кон себе поради спорот со Србија за Македонија. Франција и Бртитанија се обидувале да ја натераат Србија на Бугарија да и го отстапи делот јужно од линијата Крива Паланка-Велес-Прилеп-Охрид, согласно нивниот договор од февруари 1912 година, на што, според проф Апостолов, во една прилика српската Влада одговорила: ‘Попрво ќе им го предадеме Белград на Австријците, отколку Македонија на Бугарите’.

Тоа ја оставило Бугарија надвор од сојузот со Франција и Британија, и практично ја внело во сојуз со Германија. Истовремено, Србија е рамо до рамо со Франција и Британија, а Грција, во време кога Пикард престојувал во Солун, значи летото 1916 година, се обидувала да држи неутрална позиција, а во суштина настојувала да седи на две столици: со стара Грција, онаа Грција во нејзините природни граници од Атина до Олимп, во тоа време раководел кралот Константин Први кој бил прогермански настроен, додека во грчкиот дел на Македонија, значи северно од Олимп, се слушал зборот на Венизелос, еден од најзаслужните што по Втората балканска војна Грција го добила лавовскиот дел од Македонија, кој настојувал Грција да застане на страна на Франција и Британија.

Поради ваквите спротивставености, Грција во 1916 година имала неутрална позиција, иако се смета дека таквата позиција и овозможувала да исчекува и да види кој ќе однесе превласта во војната, па согласно на тоа и да ја определи својата позиција.

Во такви услови, за сојузниците се јавила потреба од заштита на линијата Скопје-Солун и железничката пруга која оди по таа линија. Поради тоа, француската војска, која веќе се наоѓала во Егејска Македонија, на 13 октомври 1915 година, истиот ден кога Бугарија и обајвила војна на Србија, добила наредба да ја премине српската граница (денешната граница на РМ со Грција), и да ја штити траекторијата Скопје – Солун. Тоа и било сторено, но по двомесечни борби со бугарската војска и тешките загуби, Французите морале да отстапат и да се повлечат назад во Грција. Според истражувањето на проф. Апостолов од пред повеќе од 50 години, тогаш тие доживеале посебно изнедување поради непријателското однесување на грчката војска кон нив и поради барањето на грчката влада силите на Антантата да ја напуштата грчката територија!

БАЛКАНСКА ФЕДЕРАЦИЈА 

Отприлика тоа била глобалната ситуација кога Пикард и неговите луѓе започнале да ги прибираат податоците потребни за извештајот кој бил испратен во август 1916 година.

Всушност Франција се наоѓала во време кога требало да се направи избор на кој начин ќе се спречи германското влијание на Балканот. За таквата брана против Германците, на Франција и била потребна силна потпорна точка на Балканот, а таква едноставно немало: Грција, Пикард ја оценил како несерозен фактор и партнер, згора на тоа со прогермански крал и со влада која бара Франција да си замине од грчка територија; Бугарија веќе била на страната на противникот, а плановите на Франција со Србија биле насочени кон нејзино ширење на запад.

Спасоносното решение е пронајдено во Македонија, па во документот Пикард предлага таа да им се одземе на Грција, Србија и Бугарија:

‘Ако постои Бугарија, таа не би можела да биде елемент на стабилност на Балканот, дури и ако добие задоволување во Македонија. Навистина, проблемот е деликатен. Невозможно е да им се одземе Македонија на Србите во моментот кога ги подготвуваме заедно со нашите војски повторно да ги заземат своите огништа. Такво решение е можно подоцна, тогаш кога Австрија и Унгарија, како победени ќе бидат принудени да им дадат на југословенските провинции слобода да располагаат сами со себе и со својата иднина. Во тој случај, Србија би станала хегемон на една голема југословенска конфедерација. Тогаш би било полесно да ја натераме да се откаже од Македонија преку создавање на еден балкански сојуз. Држењето на грчката влада спрема нас е такво што нејзиното спротивставување во никој случај не би ја попречило намерата на сојузниците за устројството што ќе сакаат да го наметнат на македонските територии’, напишал Пикард.

Значи, тој предлага создавање автономна Македонија во нејзините природни граници кои ги определува на југ до Олимп, на исток до Тракија и Родопите, на запад до Дебар и Шар Планина, на север до Куманово. Фактот што Македонија е поделена међу Грција, Србија и Бугарија не го смета за проблем зашто поађа од тоа дека Бугарите ће бидат поразени во војната, на Србите ће им се понуди хегемонија во една југословенска држава, па така би добиле компензација за отстапување на Македонија, а за Грците Пикард троши најмалку зборови со оглед на нивната улога во војната од која очиглидно Французите се крајно разочарани.