„ПРЕЖИВЕА“ ДВА ГОЛЕМИ БРАНОВИ ПРОТЕСТИ, ЌЕ ИМА ЛИ ТРЕТ? Макрон соочен со ризик од многу поголема ЕСКАЛАЦИЈА НА НАСИЛСТВОТО (ФОТО, ВИДЕО)
Немирите кои брзо се проширија низ Франција по полициското убиство на 17-годишниот Наел М. во париското предградие Нантер, претставуваат нов предизвик за францускиот претседател Емануел Макрон, кој веќе се соочи со два брана на насилни протести.
Последните повеќедневни немири, сепак, се закануваат да бидат многу поголеми и понасилни и го изнесоа на виделина порастот на расните тензии и присуството на расна дискриминација во Франција, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ) на светските медиуми.
Ова е трет бран на насилни протести со кои се соочува Макрон откако беше избран за претседател во 2017 година, по акциите на движењето Жолти елеци, кои се појавија во 2018 година поради предложениот данок на гориво, како и протестите организирани претходно оваа година поради неговата непопуларна реформа на пензискиот систем.
Немирите, како што пишува Фајненшл тајмс, донесоа нов политички предизвик за Макрон, кој ја откажа државната посета на Германија за да се фокусира на одговорот на владата.
Убиството на Наел М. ги зголеми тензиите меѓу полицијата и младите во населбите со ниски приходи, претежно малцински и имигрантски населби, кои, според официјалните студии, се соочуваат со расно профилирање во полициските средби, како и дискриминација во домувањето и можностите за вработување.