„Антимакедонизмот во изминативе триесет години со својот агресивен ревизионизам, со своите барања за промена на сè што е македонско, промена на знамето, грбот, химната, државното име, историјата е онаа канцерогена и отровна состојка, која ја уништува државата и ни ја одзема иднината како Македонци во Македонија. Тој е состојката, која ни ги уништува можностите да изградиме функционално општество и да живееме пристоен живот.“ – пишува д-р Александар Литовски, универзитетски професор од Институтот за национална историја, на својот фејсбук-профил. Оваа објава е дел од неговата колумна со наслов „Време за одбрана и пофалба на македонизмот“, порано објавена во „Слободен печат“, која Литовски ја постави на својот фејсбук-профил.

Покрај другото, во колумната тој пишува: Антимакедонизмот, во последно време агресивно носен на крилата на големобугарскиот експанзионизам и големоалбанскиот иредентизам, веќе го претвори македонскиот национален опстој во постојан егзистенцијален страв. На македонскиот „народносен“ и „политички“ пазар, во духот на „најдобрите“ неолиберални практики, веќе се тргува со сè, а најмногу со националните чувства и со патриотизмот. Како да сме се вратиле во времето на дивеењето на големодржавните пропаганди од почетокот на минатиот век.

 

Денес колку повеќе македонски души некој врховист преобратил, толку поголем профит остварува и толку ловорови венци на слава жнее. Македонизмот денес како да е качен на некаква триумфална погребална кола, која свечено се запатила кон царството на исчезнатите. Кон она царство, што низ историјата ги проголтало Готите, Хазарите, Куманите, Апачите, Ацтеките, Аварите…

Антимакедонците, со помош на нивните спонзори од соседството, нè претворија во нација, која се враќа во својот пат наназад. Со македонските политички сили, кои или се анационални или антинационални, се случува назадување – од национален процут во втората половина на минатиот век кон државна анемија и „нацио-дегенерација“ (Атанас Вангелов). Како да се запатила македонската национална и државна опстојба кон дното, кое може да се сфати и како масовно одродување и постепено губење на државата.

Поделбата и уништувањето на македонскиот народ не смее да ни биде избор ниту во најтешките ситуации, ниту во најкошмарните соништа. Отаде таа ситуација е заборавот и исчезнувањето. Затоа, мораме да се спротивставиме. Мораме да ги подигнеме рацете во форма на тупаници. Мораме да престанеме да мислиме на партијата и на нејзините водачи. Сето тоа, од аспект на чистото македонство, е погрешна мисла. Погрешен збор. И погрешна борба.

На нашите владетели им недостига чувство за македонизмот и знаење. Нашата неписмена политичка и интелектуална „елита“ треба да ги прочита барем записите на националниот корифеј Мисирков, па да го декларира своето прифаќање на неговите основни постулати: дека се Македонци, дека нивната македонска свест и нивното македонско чувство „стојат повисоко од сè друго на светов“, дека Македонецот не треба да се слева и да се обезличува, оти „Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“, дека како Македонци, политичари или интелектуалци, имаат свои „македонски погледи врз минатото, сегашноста и иднината на својата татковина“ и дека како македонски дејци секогаш на прво место ќе ги поставуваат интересите својата татковина и на сите своите сонародници.

Покрај тоа, тие практично ќе треба да поработат на спроведувањето на овие поставки во општествената, политичката, дипломатската и во државноправната сфера. Без таква искажаност и без таква практична ангажираност ниту еден македонски јавен „службеник“ и општественик не би требало да може да го „помине“ тестот за доверба на детекторот за чесност, посветеност и патриотизам на македонските граѓани.

Државно-националниот пад, кој го доживеавме во време на криминалната „транзиција“, не само што е крајно време да запре, туку тоа е нешто, што ќе треба да се санира долгорочно со огромни напори. Толку многу сме слезени по удолницата, што допрва, долго време и со голем напор ќе треба да се искачуваме кон нормалноста и кон остварувањето на националните идеали. За да запрат овие самоубиствени национални и државноправни процеси, мораме да се фатиме за работа на сите полиња.

Мораме да се дистанцираме од партизацијата, од политичките елити, кои се душмански настроени кон луѓето, нацијата и кон државата. Денес во оваа дивјачка антимакедонска реалност нашата прва парола денес мора да биде: време е за одбрана и за пофалба на македонизмот!