И ХЕЛИКОПТЕР ОД ПУТИН: Претседателот на Зимбабве доби многу голем подарок по бесплатно жито (ФОТО, ВИДЕО)
САМИТ РУСИЈА-АФРИКА ВО САНКТ ПЕТЕРБУРГ
Рускиот претседател Владимир Путин му подари хеликоптер на Емерсон Мнангагва, претседател на Зимбабве, соопшти денеска владата на земјата.
Мнангагва е меѓу африканските функционери кои учествуваат на дводневниот самит Русија-Африка во Санкт Петербург, што, според АФП, се смета за тест за поддршка на Путин по руската инвазија на Украина.
– Неговата екселенција, претседателот Путин му подари претседателски хеликоптер на неговата екселенција, претседателот Емерсон Дамбуџо Мнангагва – соопшти Министерството за информации на Зимбабве преку социјалните мрежи.
Објавена е и слика од претседателот Мнангагва како седи во кабината и се спушта по скалите на авионот.
– Таа птица наскоро ќе се најде на нашето небо – порача на Твитер портпаролот на владата во Хараре.
Лидерите на Зимбабве се под американски и европски санкции поради корупција и кршење на човековите права.
80-годишниот Мнангагва, кој бара реизбор на изборите следниот месец, долго време ги припишува економските проблеми на земјата на санкциите. Според аналитичарите, изборите ќе бидат многу блиску.
– Жртвите на санкциите треба да соработуваат – рече Мнангагва стоејќи пред хеликоптерот, во видеото објавено од неговото министерство за информации.
Путин го назначи Зимбабве меѓу шесте африкански земји кои добиваат бесплатно жито од Русија, откако Кремљ се повлече од договорот со кој се дозволува украинско жито да се извезува преку Црното Море.