Во својата празнична, воведна статија на почетокот на август 1936 година, весникот „Македонски вести” го слави Илинден како национален празник на Македонците.
Според написот, Илинденското востание е цената што поробените Македонци ја платија кога влегоа во решителен двобој со угнетувачите на османлискиот султан за свое национално ослободување и економски просперитет. Написот истакнува:
– „Триесет и три години не делат од таа светла дата во мак [едонската] ослободителна борба. Но, Илинден е жив во сеќавањето на поробениот македонски народ. Уште повеќе: тој веќе е школо за новите поколенија во нашата татковина.”
Весникот пишува дека Илинденското востание во најголем дел е производ на македонскиот револуционерен слој предводен од Гоце Делчев, и е израз на револуционерниот стремеж во којшто се собрала свеста на широките народни маси.
– „Гоце и неговите другари го организираа и вдахновија тој стремеж. И во тоа е нивната огромна заслуга кон големото дело на Македонија. Но, тоа никако не значи дека македонскиот народ самиот не ја осозна својата ропска положба ниту пак, дека нема природен и стихиен стремеж за слобода и правда”, пишува весникот.
Посебно предупредување е искажано кон акциите на врховистите – претставниците на завојувачката политика на Бугарија, кои се обидувале да го изменат значењето на Илинден за Македонците.
Врховистите погрешно тврделе дека Илинден е патронен празник на Илинденската организација, и го наметнувале Духовден како наводен вистински и најголем се-македонски празник и Ден на Македонија, пишува весникот. Меѓутоа, се вели, Духовден е „еден обичен календарски датум којшто нема ништо заедничко“ со историското минато на Македонија.
Исто така, статијата потенцира дека Илинден поминал во знакот на независноста на Македонија, иако врховистите, како решителни непријатели на таа независност, континуирано биле ангажирани да наложат да не се зборува или размислува за Илинден, пишува весникот.
Таквите дејствија се сквернавење на „највеликото дело на целокупниот македонски народ, од деца до старци”, коешто се темели врз пролеаната крв на илјадници знајни и незнајни борци, и тоа при сѐ уште живи Илинденци, се вели во статијата. И заклучува:
– „Илинден е единствениот македонски национален празник на нашата ослободителна борба. Ние се поклонуваме пред величието на Илинден”.
ИЗВОР: „Македонски вести”, бр. 64, август 1936 г., стр. 1.
ЗАБЕЛЕШКА: Весникот е издаван во Софија, на тамошниот официјален пишан јазик. Во тогашна „царска“ и потоа про-фашистичка Бугарија, друг јазик не бил дозволен. —/