Напротив, одлично го разбираме македонскиот јазик како што знам дека и вие го разбирате и го зборувате српскиот јазик. Немам никаков проблем да кажам дека ние сме не само пријатели, туку дека како народ имаме братски односи и во секој случај, верувам дека тие односи и натаму ќе се развиваат, рече денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по билатералната средба со својот македонски колега, претседателот Стево Пендаровски во Прохор Пчински.

 

 

Пендаровски, кој по повод државниот празник Илинден положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“, беше пречекан од својот српски колега Вучиќ.

 

-Македонија и Србија имаат одлична соработка, негуваат исклучително добри пријателски односи и меѓу нив не постојат отворени прашања. Нашата трговска размена е 1,5 милијари евра годишно, а верувам дека и натаму ќе расте. Заеднички работиме на олеснување на животот и на подобрување на животниот стандард на граѓаните од двете земји. Сега разговараме за спојување преку нашите железници со што ќе бидеме уште поблиску едни до други и уште подобро поврзани, изјави Вучиќ.

 

Српскиот претседател упати благодарност до владиката Пахомије за гостопримството, но, како што истакна, и до патријархот Порфирије „за историските одлуки што ги донесе СПЦ на добробит и во корист на двата наши народа, и српскиот и македонскиот“.