Предизвик ни се местата кои се ретко посетени и кои скоро никој не ги знае. Денес тоа место беше Бори Кале или попознато како Битолско Кале. Место каде шо досегашните посетители се бројат на прсти и непознато за скоро сите. На тоа место пред десетина века се наоѓаа некогашните замоци на Царот Гаврило Радомир  средновековен македонски цар, првороден син на Самоил и Агата. Совладетел и наследник на Самоил. Се истакнува во војната со Византија и му бил десна рака на Самоил. Учествувал во сите поважни битки против Византијците: во Битката кај Ихтиман (Трајановата Порта – 986), Битката кај Сперхеј (996) и Беласичката битка (1014). На двапати го спасил Самоил, извлекувајќи го од бојното поле, по загубените битки кај Сперхеј и кај Беласица. Во Битола имал свои дворци и главна резиденција. На престолот се искачил во 1014 година, по смрта на Самоил бил крунисан во христијанската црква Успение на Пресвета Богородица и 12 Апостоли која за 100 години е постара од црквата св. Софија во Охрид и датира од Х или ХI век.

 

Патот кој е непосредно до последната постојка во Горно Оризари ќе ве однесе самиот до село Раштани кое се наоѓа на 3 км. од Битола. Истиот поминува низ подвозникот и завршува во центарот на селото каде некогаш имаше мало селско фудбалско игралиште и селската црква Св. Никола, пренесува Бабам Битола.

 

Големиот крст кој е исправен на таа ширина ќе ве потсети дека тука е патот за нешто кое е оставено и заборавено низ вековите, но сеуште е големо и знаменито зошто копнежот за негово обновување е присутен кај некои битолчани кои имаат желба но немаат голема моќ.

Самиот пат ќе Ве донесе до тоа место кое низ историјата го викаат Битолското Кале или Бори Кале. Мештаните од с. Раштани пак го знаат како Кира Марица и црквата света Марија. На околу дваесетина минута до пола час пешачење се стигнува до извишение од каде имате чист поглед кон Битола. Продолжувате до второто извишение каде веднаш по пристигнувањето ги забележувате некогашните ѕидини на црквата Успение на Пресвета Богородица и 12 Апостоли.

Објектот имал димензии со должина 23 метри, ширина 21 и височина 16 метри, внатрешните ѕидови сами потсетуваат и прикажуваат слика на голем крст.

Од западната страна имало две кули кои биле со широчина колку градскиот часовник. Црквата моментално е оставена сама на себе поради незаинтересираноста на надлежните и вечито недостатокот на средства кај нас. Нема голема заинтересираност за да се врати вистинскиот блесок на објектот што има огромно и културно и историско значење за македонската држава нешто што може да има и поголем сјај и од охридскиот Плаошник.

Крстот како облик на внатрешните зидини гледано од запад

“За наодите на Кале извесен период намерно сакавме да бидеме воздржани, со единствена цел, да собереме доволно аргументи и да можеме најцврсто да ја одбраниме тезата во врска со староста на објектот.

Конечно, веќе никој не може да оспорува дека станува збор за катедрална црква, што била изградена во почетокот на 11 век, во слава на големата победа на македонскиот цар Самуил над војските на императорот Василиј Втори, на бојното поле меѓу Софија и Пловдив. А бидејќи воениот триумф се случил во август, кога се слави и Успението на Пресвета Богородица не треба да има сомневање дека и црквата го понела токму името на мајката на синот божји, изјави археологот Гордана Филиповска – Лазаровска, советник за средновековна Битола во Битолскиот завод за заштита на спомениците на културата, која раководеше со проектот за конзервација и реконструкција на овој објект во 2011 година.”