ВО БИТОЛСКО СЕЛО ПРОНАЈДЕН СПОМЕНИК ПОДИГНАТ ВО ЧЕСТ НА МАКЕДОНСКИОТ КРАЛ ФИЛИП

ВО БИТОЛСКО СЕЛО ПРОНАЈДЕН СПОМЕНИК ПОДИГНАТ ВО ЧЕСТ НА МАКЕДОНСКИОТ КРАЛ ФИЛИП

 

Просторот на македонското кралство во антиката постојано бил изложен на напади и ограбувања од соседните племиња, особено од Дарданците и Илирите, кои биле негови соседи од север и запад. Меѓу нив посебно опасни напади вршеле Дарданците кои живееле, некаде на денешниот простор на Косово. Нагласено навлегување во ограбувачки походи на споменатите племиња се случувало за време на отпочнувањето на Македонско римските војни, особено во времето на кралот Филип V. Тој често бил приморан да заминува на воени походи за да ги смирува разните немирни делови од кралството, а тоа го користеле споменатите племиња за ограбувачки походи.

Филип V

Поради ваквата состојба, кралот морал да ги обновува и зацврстува тврдините, кои се расположени на соодветни места окоу превоите за влез во рамнината Пелагонија, која била прва на удар на ограбувачите. Такви се тврдините како што се: Маркови Кули кај Прилеп, Баба, Трескавец, Грамаѓе под Трескавец од јужната страна, Ќаве (Мажучишки рид) кај Мажучиште, Градиште кај Дабница, Градиште, кај селото Дебреште, Марков Чардак кај селото Бело Поле – сите во Прилепско и голем број утврдени градови и населби од деловите на Пелагонија во битолскиот крај, распоредени по работ на рамнината. Анализирајќи ги локациите на овие тврдини ќе се забележи дека се наоѓаат на блиски растојанија една од друга, а големиот број навистина фасцинираат како населби на еден мал простор со впечатливи градби како што се тврдините.

 

За време на владеењето на Филип V (220–179 г. пр. н.е.) се случиле Првата и Втората Македонско–римска војна. Користејќи ја зафатеноста на кралот и македонската војска со овие војни, во соработка со Римјаните или самостојно, племињата како Дарданците и Илирите ги засилиле нападите во Македонија. Овој познат македонски крал од династијата на Антигонидите, речиси, цело време за своето владеење водел војни за обезбедување на стабилноста на кралството, кое го напаѓале од разни страни и притоа морал да ја разделува војската за да одговори на сите предизвици.

 

Првата Македонско-римска војна траела од 215 до 205 година пред н. е. Доцна во летото 211 г. Филип V ги нападнал Илирите околу градот Аполонија, минал низ Пелагонија и го освоил градот на Дарданците, Синтија, преку кого тие навлегувале во ограбувачки походи во Македонија.1 Потоа минал низ Линкестида и Ботиаја во правец на Тракија и освоил повеќе градови. Летото 209 година кралот со војската се наоѓал на Пелопонез во градот Дима каде бил информиран дека се одметнал старешината на градот Лихнид (Охрид), Европ.2 Во тоа време Дарданците во повеќе групи, преку Пелагонија и Линкестида, со ограбување стигнале длабоко во Македонија, до областа Орестида и заробиле 20.000 Македонци, па кралот морал да се врати за да ги изгони од Македонија. Таков поход против Дарданците тој направил и во 208, како и во 206 година п.н.е.3

 

Споменикот со натпис на ѕидот на црквата „Св. Ана“

Еден споменик со натпис во малата црква „Св. Ана“ кај селото Олевени, Битолско е вистински документ за походот на Филип V против ограбувачите Дарданци, веројатно, од 206 година. Овој споменик е подигнат во чест на победата на кралот со неговата војска над Дарданците. Испишан е текст во 14 реда, од кои почетните неколку реда се во голема мерка нечитливи, додека другиот дел од текстот, епиграфичарите успеале да го идентификуваат и запишат.4 Дека се работи за споменик во чест на победа над Дарданците може да се види во последните три реда. Слободно преведено, во нив стои: „Царот Филип за победата над Дарданците.“5

 

Овој споменик денес се наоѓа вѕидан на западниот ѕид на црквата „Св. Ана“, изградена во поново време. Него го вградиле лево од западниот влез во црквичката. Внатре во црквата, во близина на јужниот ѕид, блиску до олтарот се наоѓа и еден ранохристијански мермерен елемент, прозорско мено, делумно закопано во подот, а мермерен блок со, приближно, квадратен пресек, на сличен начин, е поставен кон средината на истиот ѕид. Според кажувањето на жителите на селото Олевени, на местото на оваа црква се наоѓала и една мермерна скулптура, која градителите ја поставиле на постамент од цигли, прилепен, исто така, до јужниот ѕид, во внатрешниот дел на црквата, но набрзо потоа, таа исчезнала, односно, некој ја украл од црквата „Св. Ана“. За нејзиното постоење денес сведочи една релативно бледа фотографија.

Локалитетот на кој се наоѓа црквата „Св. Ана“ се вика „Брце“ и се наоѓа неколку стотици метри над селото. Археолозите на овој локалитет констатирале наоди од раната антика и раното христијанство.6 Тој претставува пространа рамнина на која денес се изградени три цркви, заедно со споменатата „Св. Ана“, со мал обем, а еден мал простор се подготвува за четврта. Другите две цркви се „Св. Петка“ и „Св. Илија“, а во подготовка е „Св. Антониј“.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа