Русија го предупреди Израел да не презема копнена офанзива против палестинското радикално движење „Хамас“ во Појасот Газа, јави ДПА.

 

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека постои закана од проширување на конфликтот на Блискиот Исток со „страшни последици за целиот регион“ и уште поголема хуманитарна катастрофа.

 

Песков говореше во Пекинг, каде претседателот Владимир Путин е во дводневна посета. Кремљ објави дека шефот на руската држава има намера да разговара за ситуацијата на Блискиот Исток со кинескиот партиски и државен лидер Кси Џинпинг на маргините на форумот „Еден појас, еден пат“.

 

Самиот Путин вчера телефонски разговараше со неколку лидери од Блискиот Исток, меѓу кои и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас.

 

Шефот на Кремљ, кој и самиот води војна против Украина, повика на прекин на огнот за заштита на цивилното население.

Песков уште еднаш потврди дека се очекува Абас да ја посети Москва, иако не е одреден датум. Русија се залага за создавање независна палестинска држава, истовремено поддржувајќи ги безбедносните гаранции на Израел.

„Народот на Израел мора да живее во мир“, нагласи Песков, но рече дека најважна задача сега е да се стави крај на војната на Блискиот Исток.