Русија и Украина соопштија дека размениле стотици заробени војници – прва ваква размена на воени заробеници по неколку месеци, пренесе АФП.

Двете завојувани земји одржаа неколку рунди на размена за време на 22-месечната инвазија на Москва, но процесот заглави во втората половина на минатата година.

Во речиси истовремени изјави,  руското Министерство за одбрана и украинскиот претседател Володимир Зеленски објавија дека размениле повеќе од 200 војници.
„Повеќе од 200 наши војници и цивили се вратени од руско заробеништво“, рече Зеленски на Телеграм, објавувајќи видео од славењето на униформираните мажи.

Украинскиот омбудсман за човекови права, Дмитриј Љубинец, рече дека вкупно 230 украински војници биле ослободени на, како што рече, 49-та размена меѓу двете земји.

Министерството за одбрана на Москва соопшти дека  248 нејзини војници биле вратени  како дел од договорот постигнат по „комплицираните“ преговори со посредство на Обединетите Арапски Емирати.