ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ: БУГАРСКАТА ВЛАДА ИМА ЗАВОЈУВАЧКИ НАМЕРИ КОН МАКЕДОНИЈА – 1901 г.

Ризо Ризов* говорејќи за периодот после Солунската афера, сведочи за средба меѓу врховистот Владимир Руменов** и македонскиот народен водач Гоце Делчев. Во разговорот, Руменов почнал да изразува бугаромански и велико-бугарски ставови.
На тие зборови, Делчев изреагирал со презир и бес. Неговиот став бил јасен: Да се сочува самостојноста и независноста на Oрганизацијата со оглед на фактот што Бугарската влада има непријателски, завојувачки намери спрема Македонија и не треба да се прима никаква помош од бугарските власти. Ризов раскажува:
– „Одеднаш проговоре д-р Руменов: ‘Господа, како што гледате, ние сме во многу тешка положба и не може да направиме ништо сами, зашто немаме пари. Затоа, ете, Бугарската влада ни нуди средства – да ги земеме и да свршиме работа.’
При тие зборови, Гоце скокна како попарен. Лицето одеднаш му се измени. Тој се намршти, ги сви рацете во тупаници и небаре морници му минаа. Та со решителен глас и гест, тој го пресече говорникот: ‘Тоа не може, тоа нема да биде никогаш!’ “
Откако Руменов и неговите придружници продолжиле да промовираат бугаромански ставови, Ризов пишува дека „никојпат дотогаш не го бил видел Делчев во таква раздразнета и jaросна состојба.“
– „Тој прво вложи сили да се совлада себеси, па се обиде да објасни какви погубни последици би имал еден ваков чекор – погубен и за Организациата и за Македонија. ‘Да jа чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!’, повторуваше тој.“
Како противник на велико-бугаризмот, Делчев јасно ставил до знаење дека примање пари од Бугарија значи обврзување кон неа и подчинување на најзината нe-македонска кауза.
Понатаму, „и моралниот удар внатре, сред населението ќе бил страшен – луѓето ќе одвикнат сами да си ги задоволуваат своите потреби, сѐ ќе чекаат помош однадвор, ќе jа загубат својата самоувереност“ – а тоа води кон губење на самостојноста и независноста на Организацијата.
На крај, Делчев заклучува за непријателските намери на Бугарија и за опасноста по македонското дело:
– „Бугарската влада, којашто има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да jа исползува создадената состојба на работите внатре со таа ‘помош’ – таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални повластици… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“
ИЗВОР: „Македонско дело”, Р.Р., „Мъката на Гоце”, 10 мај 1927, бр. 41, стр. 6 – 7.
* Ризо Ризов – деец на МРО – ТМОРО – ВМРО – ВМРО (Обединета). Соборец, истомисленик и пријател на Гоце Делчев, Јане Сандански, Павел Шатев, Димитрија Чуповски, меѓу другите македонски дејци.
** Владимир Руменов (роден како Наум Мушевски) – првично деец на МРО кој потоа влегол во бугарските воени кругови и во групациите на Врховниот македонски комитет. Станал про-врховистички, т.е. про-бугарски настроен. —–/
ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа