Украина веќе победи со тоа што преживеа 2 годишен конфликт со нуклеарна велесила а војните се решаваат на маса како секогаш низ историјата

Речиси и да не сум пропуштил ден или извештај од фамозната инвазија над Украина која започна пред точно 2 години и која резултираше со напад од широки размери и брза окупација на 6 украински региони. Окупирани беа, а подоцна и анектирани Донбас (Луганск и Доњецк), Запорожје и Херсон. Во Харков и киевскиот регион, нешто по инвазијата ке следи тактичко воено повлекување на руските вооружени сили кои безмалку се соочуваа со огромни загуби.

Секој што ги следи овие траорни сцени каде на дневно ниво животот го губат неколку стотици војници од двете страни, каде се руинираат илјадници инфраструктурни објекти и  секојдневно се евакуираат десетици помали градови и села, каде луѓе  во поодминати години ги напуштаат своите огништа, знае колку војната е безмилосна.

 

Поминаа веќе 2 години и оваа бесмислена инвазија се наоѓа во тежок ќор-сокак. Претежно се водат рововски битки со периодични локални контраофанзиви, меѓутоа завземање на позиции од поширок спектар речиси и да не се случуваат. Исклучувајки  го секако последното окупирање во Авдивка на која и следеше долговремена операција изминатите 2 години.

 

И по две години од војната, ајде да видиме што точно се случува.

Иако никој точно не може да потврди, сепак загубите и на двете страни се претпоставуваат на околу 250 000 до 300 000 војници, Споредбено со повеќето војни, односот загинати/ранети е околу 1 спрема 3 со тоа што Русија може да си дозволи вакви загуби повеќе од Украина.. Од почетокот на окупацијата, цивилните жртви во Русија се минимални во однос на Украина каде се проценувааат на нешто над 7000. Покрај тоа што Украина трпи ужасни загуби на животи, се случува и енормно физичко уништување на инфраструктура проценето на над 200 милијарди долари, главно станбени згради и инфраструктура кои Русија намерно ги уништуваа, нешто што не е случај на руска територија каде повремено ќе прелета некоја ракета или некое залутано дронче.

 

Мотивот на ваква окупација на ваква војна во срцето на Европа никој никогаш нема да го разбере. Да, имало изолирани случаи на политички несогласувања, на локални конфликти меѓу руско и украинско население, на незадоволство од траекторијата по која Украина одреди да се движи после Мајден во 2014. Меѓутоа, барем според изворите и високи претставници на руската федерација, мотивите се сепак бесмислени историски приказни од пред стотици години од типот: Екатерина Велика е мајката на Одеса, Ленин ја формирал Украина бидејќи сакал да се извини на украинското население по болшевичката револуција во која се случи геноцид  врз украинците проценет на 3 милиони жртви. Или пак според последното интервју на Владимир Путин во кое потроши 1 час објаснувајќи историски фатаморгани за руското население од периодот на крал Петар и Романови. Според него Украина е формирана по втората светска војна со откажување на делови од денешна Унгарија и Полска и како последица на реформите на советскиот сојуз пред распадот каде Борис Јелцин ќе одлучи да ги предаде неколку региони со доминантно руско население на Украина затоа што смета дека индустријата би се развивала побрзо.

 

Што и да се случувало, никако не е оправдано и никој нема право преку ноќ да ви го одземе и да ви го сруши она на кое сте потрошиле генерации да го создадете и изградите.

 

Мотивот е сепак многу поразличен од сето ова. Русија е преголема за да се бори за дополнителни територии и ќе го нападне Киев со цел да го одвлече вниманието и го окупира југот (Запорожје и Керсон) каде ќе обезбеди копнен пат до Крим и, тоа за жал го спроведе успешно. Крим е главна стратешка локација од каде на тацна ја имате контролата врз целото Црно Море и неколку држави на балканот, вклучувајќи го и транзитот Европа/Азија. Нешто што претставува и поранешната пруска територија на Балтикот, денешна руска енклава која ја доби како плен по втората светска војна Калинград, од каде Русија има целосна контрола над балтичкото море и скандинавија, дополнително генерера милионски суми за транзит и користење на пристаништата од страна на скандинавските и балтичките земји. Ова е болната точка и на западот, затоа и наредбите се офанзивни на југот, а одбрамбени во Донбас.  Украина имаше неколку неуспешни обиди  да ја  пресече линијата до Мелитопол и ова е црвената линија за која Русите се спремни да жртвуваат многу повеќе од она што го гледаме. Дополнително во руско-турската војна за Крим ги има загубено стотици козачки формации.

 

“Никогаш не било паметно да се нападне Русија”

 

Ова го кажа Илон Маск пред неколку недели. Но на што точно мислеше пронаоѓачот на Тесла?

 

Има две интересни битки кои Русија ги води низ историјата, едената во Бородино против Наполеон, а другата е во Сталинград против Нацистичка Германија и Хитлер.

Што точно се случуваше во Бородино, а што во Сталинград?

Кога Наполеон ќе ја премине границата на пруската монархија и влегува во царска Русија ќе дојде до жесток отпор и речиси секојднево води тешки походи кои не го спречуваат да се движи накај Москва. Пред да влезе во Москва претстои една од најзначајните историски битки во селото Бородино со огромни загуби од двете страни и тоа е селото во кое ќе се стави крај на наполеоновиот империјализам. Во битката во Бородино Наполеон наспроти себе го има стариот пријател, едноокиот руски генерал Кутузов со кој претходно неколку години ќе направат примирје во Прусија откако ќе ги прегази пред себе руските и пруските војски заедно.

 

По наездата на француските пушкаши чии пушки имаат неколку десетици метри поголем домет од руските, Генерал Кутузов издава наредба за повлекување на руските трупи и движење од Бородино кон Москва. Руската царска војска се враќа во Москва, ќе го евакуира целиот град, ќе собере се што има од стока и намирници и ќе се лоцира во едно од источните преградијата на градот. Наполен се движи и влегува во Москва со целата војска и ќе забележи дека во градот нема жива душа ниту пак храна за војниците. Заедно со војската останува неколку денови во Москва додека русите чекаат да паднат минусни температури. ВО тие денови една вечер од предградијата се распламтуваат огромни огнени јазици и во тој момент императорот разбира во каква замка западнал, дава итна наредба за повлекување кон Бородино но овој пат сардисан од сите страни.

 

Французите гладни и жедни убивајќи ги дури и коњите за да се прехранат се повлекуваат накај Минск и се обидуваат да извлечат жива глава против разгневените Руси, но во оваа операција на повлекување Наполеон ќе загуби дури 70% од својата војска и ова е вистинскиот пад на императорот. Битките на Ватерло се релативни во однос на битката во Бородино каде има сериозно намален воен потенцијал и морал на војската, Да можеле британците и прусите да го победат, ќе го направеа тоа претходно, на Ватерло го дотурнаа веќе паднатиот Наполеон за кој мора да признаеме дека согласно сите резултати во неговото 20 годишно војување може да се забележи дека е најголемиот и воено највештиот император на сите времиња.

 

Но Хитлер, иако се води како најголемиот светски говорник, изгледа не ја читал историја и западнал во иста каша во Сталинград како Наполеон во Москва. Нацистите предводени од Максимилијан Вон Вејт заедно со про-нацистичките вазали од Унгарија, Хрватска и Италија ќе отпочнат офанзива од големи размери во градот со цел да се приближат и да ги искористат природните ресурси на Русија за понатамошно напредување  и ќе ги истуркаат советските војници преку Волга.

 

Дирекно од Сталин преку Георги Жуков стигнува наредба “Ни педа назад” и со цел да не ги фати германската артилерија, советските војници масовно влагаат и гинат во блиски битки со нацистите. Откако Жуков ќе забележи дека ова енормо  губење на воена сила против нацистичката машинерија е залудно, ќе ја повлече војската длабоко на истокот од градот и истата вечер ќе отпочне офанзива на крилата, така што следното утро над 100 000 германски војници заедно со Максимилијан Вон Вејт  ќе се најдат опкружени во обрач.

Украина е победник во оваа војна со тоа што храбро издржа овие 2 години, меѓутоа никако не е оправдано за ваква статус кво позиција секојдневно да жртвувавате толку многу животи. Жртвите се нечии синови, татковци, сопрузи и за сите што навивачки гледаат од страна сето ова е релативно ама по истите овие луѓе… некој копнее и секојдневно ги чека да се вратат дома, ставете се во чевлите на тие мајки кои ги пратиле децата во војна.

 

Научна фантастика и залудни се повиците на ОН за некакво повлекување на руски трупи од окупираната украинска територија. Украина веќе изгуби премногу и не смее да губи уште. Од држава со над 40 милиони жители е веќе преполовена. 10 милиони припаднаа на окупираните региони, и неколку милиони кои избегаа од војната низ европските држави, ги има и голем број на жители кои избегаа во Русија.

 

Како и секоја војна и оваа еден ден ќе се реши на маса. Горчливо јаболко би било што ќе треба да го голтне украинскиот народ, но во секој случај преговорите се многу подобра опција од војна.  Во едни такви преговори целиот свет треба да застане зад украинците и да го извлечат најдоброто.

 

Со диктатори не се игра шах, може со пешак да им ја земете кралицата, ама потоа ќе ви ја превртат таблата.

 

М-р Љупчо Маркоски

 

 

 

 

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа