Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли повикот на папата Франциско за мировни преговори со Русија, нарекувајќи го „виртуелно посредување“ од далечина, јавува Ројтерс.

 

Зеленски не го коментираше директно Светиот Отец или неговата позиција во неговото редовно вечерно видео обраќање, но навести дека идејата на папата нема никаква врска со напорите на верските личности во Украина да и помогнат на земјата, забележа Ројтерс.

 

„Тие не поддржуваат со молитви, разговори и дела. Тоа всушност го претставува односот меѓу црквата и народот“, посочи Зеленски. „А не од некаде на оддалеченост од 2.500 километри да правите виртуелно посредување меѓу некој што сака да живее и некој што се обидува да ве уништи“, додаде украинскиот претседател.

 

Швајцарската јавна телевизија во саботата на својата веб-страница објави делови од интервјуто со поглаварот на Римокатоличката црква, снимено минатиот месец, во кое тој ја повика Украина „да има храброст да вее бело знаме“ и да преговара за крај на војната со Русија.