ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „Ние не сакавме да отстапиме од идејата за обединета и независна македонска држава “ (22)

 

На барање на иследниците на СДБ, Драган Богдановски  пишува извештаи за своите врски со српската, хрватската, бугарската и албанската емиграција. Во својот дневник, Богдановски пренесува делови од овие извештаи. Во минатат среда, пренесовме делови од неговиот дневник во кои говори за првите контакти со српската емиграција. Во нив, откако на читателот му ги опишува средбите со кралската и четничка организација во грчкиот логор Лаврион во 1951 година, говори и за врските со српската емиграција за време на студирањето во Париз, како и за обидите во 60 и 70 – тите години на минатиот век да ги натера српските организации да ја признаат посебноста на македонскиот народ.

 

Драган Богдановски потоа продолжува да ги опишува своите контакти со втората српска политичка група, како и за контактите  со хрватската емиграција.  За овие контакти тој во продолжение на дневникот ќе напише:

 

„Втората српска политичка група во емиграција со која водев политички преговори – Беше српската секција од така наречениот Југословенски демократски сојуз, со седиште во Минхен, кој се заземаше за една демократска Југославија, реорганизирана на конфедеративни услови како Сојуз на слободни југословенски држави. Јужнословенскиот демократски сојуз го сочинуваа група српски и хрватски интелектуалци, кои некогаш му припаѓале на југословенското фашистичко движение “Збор“ на Димитрија Лотиќ, но сега се откажале и од фашистичката идеологија на Лотиќ и од унитаристичка и федеративна Југославија и заговараа една трета, конфедеративна Југославија. На чело на Јужнословенскиот сојуз стоеше хрватскиот политичар Розо Калеб. Сојузот издаваше свој весник. Хрватскиот демократски сојуз ја издаваше “Хрватска Зора“ а српскиот демократски сојуз ги издаваше “Српски дици“.

 

Јужнословенскиот сојуз по однос на македонското прашање се беше покажал далеку пореалистичен и по правичен отколку тоа што беше Југословенскиот одбор од Лондон и Српската задруга “Ослобоѓење“. Тој јавно и отворено му ја беше признал на македонскиот народ неговата национална индивидуалност и својот статут го беше печателе и на македонски јазик. Заради своето признавање на македонската национална индивидуалност, Србите во Југословенскиот демократски сојуз беа напаѓани од српската четничка емиграција како српски национални предавници.

 

Врски со Јужнословенскиот демократски сојуз беа воспоставени во текот на 1959 и 1960 година поради кое Пеев и јас одвоено патувавме за Минхен. И на двајцата ни беше направен срдечен пречек, тогаш се запознавме со раководителите на Јужнословенскиот демократски сојуз, тогаш беа воспоставени и конкретни облици за соработка, меѓутоа, се се заврши како и со Југословенскиот одбор од Лондон. Јужнословенскиот демократски сојуз бараше ние како македонска група да создадеме Македонски демократски сојуз во рамките на Јужнословенскиот демократски сојуз и заедно со Хрватите, Србите и Словенците да работиме за создавање на една идна Југословенска Конфедерација или Сојуз на слободни јужнословенски држави. Ние не сакавме да отстапиме од идејата за обединета и независна македонска држава, па според тоа и соработката со Јужнословенскиот демократски сојуз пропадна.

 

Ете тоа беше сиот мој контакт со српската емиграција – завршив во моето пишување – и пак напомнав дека тој контакт беше инспириран од силната желба српската емиграција да му ја признае на нашиот народ неговата национална самобитност. Заради моето работење на тој план јас неколку пати бев напаѓан во печатот на српската емиграција, во весниците “Српска Борба“, “Искра“ и други.

 

На ова мое пишување моите удбашки иследници велеа: “А бре ти добро си ја играше твојата улога на македонист, особено во 50-тите и 60-тите години. Ти остави неизбришливи спомени од твојата дејност. Се ќе беше добро и убаво ако тој твој македонизам не го свртеше против легалното раководство на македонската држава, на СРМ. Ти не знаеше да се запреш во твоите дејанија, ти немаше кочници, и беше како некоја крава која при молзењето даваше полно ведро млеко, но штом го наполни, ритна со ногата и го истури. Ти ја дотера работата дотаму што твојот македонизам стана штетен за интересите на македонската нација. Затоа и моравме да дејствуваме, да те запреме, да те замолчиме…“.

 

– Вие ме спречивте да го остварувам најбитното што е за нашата нација – реков – така вие ѝ наштетивте, не е помагате.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа