Моќта и влијанието на Артан Груби доаѓаше од позицијата што ја имаше, а не од блискоста со кого било од партијата. Ова е одговорот на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, на прашањето дали со случаите против Артан Груби (ставањето на „црната листа“ на САД и истрагата за случајот „Лотарија“), всушност, директно е таргетиран лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со оглед на тоа што Груби беше негова десна рака.
Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека секој има лична одговорност при вршењето на одредена функција.
„Сигурно Ахмети не доаѓа во нашите министерства за да контролира сè што потпишуваме и правиме. Не сакам да бидам разбран дека и јас прејудицирам, дека не почитувам презумција на невиност. Да оставиме да се докаже. За ’црните листи’ немам коментар. Ги прифаќаме, сметаме дека се добронамерни. Сметаме дека тоа е инвестиција и во ДУИ. Затоа бараме закон за рестриктивни мерки. Во однос на ова со лотарија, барем тоа што го читаме дека водел седница на Влада, се поставуваат преседани што ќе ги парализираат сите следни раководители односно тие што ги водат седниците на Влада бидејќи нема правна сигурност. Ако за водење колективно тело се сноси одговорност, барем тоа што го пишува по медиумите… Ако има други докази, ќе се докаже во правна постапка“, смета Османи.