Некаде кон крајот на 1856 та година Достоевски шетајќи се по квартовите во кои живеат бездомници во Сент Петерсбург инспириран од глетката, во период од неколку денови ќе напише серија раскази за животот на овие беспомошници од кои се откажал и универзумот.
Во “Дневникот на писателот” се наоѓа краток текст, извадок од овие раскази на кои цирка фотографија, како дете, на околу 6 години потпрено на прозорот на една грандиозна и богата куќа, ја следи божиќната прослава. Расказот носи наслов “Момчето на христовата елка”.
Сцената се одвива во тешки зимски услови во Сент Петерсбург, сногот крцка под искинатите обувки на малото момче кое е едно од многуте деца што го живеат својот живот во сенките на сиромаштијата и заборавот.
Неговата појава е тажна, исполнета со трагедија. Момчето е оставено само и беспомошен, замрзнато и полуголо. Кожата на неговите боси нозе е премрзната, како да е дел од самата суровост на зимскиот град.
Неговото лице, како и неговите раце, се исушени од студот што не престанува да го измачува, додека длабоката невидлива празнина го обвива, создавајќи чувство на потполна изолираност од светот околу него.
Во потрага по топлина, по божиќна еуфорија, по богата трпеза, малото момче се движи од прозор до прозор, тропајќи од врата на врата по петербуршките имотопоседници и се обидува да побегне од суровите услови на животот. Се тресе од физички болки, но и од емоционален терет, кој не може да го поднесе.
Љубовта и внимание се нешта што се непознати за него, а секој негов чекор го носи длабоко во темнината на отфрленоста. Момчето продлжувс да тропа по врати што не се отвораат, се обидува да најде утеха, но неговиот повик е само ехо што исчезнува во бескрајниот студ и рамнодушност на човечките срца.
Не постои утеха за неговиот страдалнички поглед иако неговото молчење е погласно од било кои зборови.
Нешто што ќе ја промени оваа суровост е новогодишна елка која премрзнатото момче ќе ја забележи откако ќе ја одмине последната врата. Таа елка е изворот на светлина во неговиот мрак која ќе му го одвлече вниманието, која светнува и му го полни срцето иако за него изгледа недостижно.
Таква е судбината на нашиот Јован од Крива Паланка, нашата божиќна ѕвезда за оваа Нова Година кој сите не стави на тест и ни докажа дека последниот испит не можеме да го положиме. Приказна која многу не успејаа да ја догледаат, додека останатите во солзи останаа подзинати не проголтувајќи ја воздишката која им се зарија во душникот.
Тоа е приказна односно судбина која ја делат многу деца, многу семејства кои не ги фатила камерата. Приказна во која Дедо Мраз и новогодишни поклончиња не постојат, а божиќната трпеза и тополиот дом се мисловна именка.
Деновиве ќе пристигнат многу донации, по фотографии ќе се појават многу маркетинг јунаци, Јован ќе прослави Нова Година како никогаш претходно, ќе се израдува на Дедо Мраз, ќе има и новогодишна елка, ќе добие и поклон како многу деца и нема да го боли стомачето од глад… Ама сето тоа нема да ја промени суровата реалност. Реалност за едно украдено детство.
Љупчо Маркоски