Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека доколку Русија ги отфрли предлозите изнесени за време на средбата меѓу украинската и американската делегација во Џеда, Киев смета на силни американски чекори за притисок врз Русија.
– Колку што разбрав, можеме да сметаме на силни американски чекори кон руската страна. „Сè уште не ги знам деталите, но зборуваме за санкции и зајакнување на Украина“, рече Зеленски.
Тој истакна дека на преговорите во Џеда, украинската и американската делегација разговарале за сите важни теми и дека разговорот бил многу конструктивен.
– После тоа поддршка дадоа нашите европски колеги, кои исто така ги поддржаа нашите сериозни чекори за завршување на војната. И тие рекоа дека топката е во теренот на Русија. И ова е факт. Затоа мислам дека санкциите или другите чекори за притисок врз Русија ќе зависат од американската страна. Од нивниот дијалог со руската страна. „Ако добро разбрав, чекорите се мир преку сила“, рече Зеленски, пренесе украински Интерфакс.
Според него, „ако Русите покажат дека се подготвени за понудата на Америка, исто како и ние, тогаш ќе има соодветни решенија“.
Тој истакна дека Украина е подготвена за целосен прекин на огнот за 30 дена , како што е предложено од американската делегација, но „никој од нас не им верува на Русите“.