Тоа не е до премиерот Христијан Мицкоски, колку што е до нас, се дообјаснува министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“
Мислењето не било само негово лично, туку го темели и на анкети спроведени пред сѐ меѓу Албанците во земјава
Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН настапи со јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата. Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.

„Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека ВЛЕН има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, кај Албанци генерално анкетирани. Впечатокот на околу 70% од населението Албанци е дека ВЛЕН не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата“,
вели тој.
Во интервјуто Таравари дообјасни дека кога зборува за претставувањето на Албанците во Владата не мисли на квантитетот, туку на квалитетот.
„Ако земете во квантум, значи број на министри, број на директори, океј е претставувањето на ВЛЕН во Владата. Меѓутоа, ако го земете квалитативно, тоа не е баш како што треба, не функционира баш како што треба и тоа е генерален впечаток на повеќето, зборувам за Албанците“,
додава Таравари.
Ваквите ставови на Арбен Таравари доаѓаат во период на сѐ погласни шпекулации дека тој е со една нога надвор од ВЛЕН, а се поблиску до ДУИ. Првиот вистински, а можеби и последен тест на коалицијата се претстојните локални избори.
ВЛЕН, засега, не успева да се договори дали ќе настапи со заеднички листи за советници и кандидати за градоначалници. Таравари, додава, тоа прашање има историја уште од лани, кога се отвора идејата за ВЛЕН од коалиција да прерасне во една партија.

„Заедничка констатација наша во јули или август минатата година беше дека подобро да одиме со четири партии до локални избори и после локални избори да се обидеме да бидеме една партија. Меѓутоа, тогаш, баш на тој состанок, јас кажав – доколку одиме со четири партии, тогаш и советничките листи добро би било да ги имаме секој за себе. Оти јас знам, 2021 година со Алтернатива ние бевме заедно на локални избори и колку мака имавме две партии да се усогласиме за иста советничка листа. И замислете, сега ќе дојдеме во ситуација четири партии за една советничка листа“,